СДСМ: 20 дечиња починале на Клиника, Мицкоски и ДПМНЕ мува не ги лази

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трагичните податоци за смртноста на деца во изминатите шест месеци ја шокираа јавноста а Мицкоски и ДПМНЕ мува не ги лази. Во втората половина на 2024 година, животот го загубиле 19 бебиња и едно петгодишно девојче, велат од СДСМ.

„Овие бројки се застрашувачки и отвораат прашања кои бараат итни одговори: каде затајува системот, како се направени пропустите и дали постои прикривање на лекарски грешки?

Последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести е алармантен. Бебето било одбиено за хоспитализација без никакво образложение – втор ваков трагичен случај во само два и пол месеци. Овие трагедии не смеат да се игнорираат!

Министре Таравари, директоре Мемеди, време е да преземете одговорност. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и итно преземање мерки за спречување на ваквите трагедии.

Во време на СДСМ, преку конкретни мерки и инвестиции, смртноста кај новороденчињата беше значително намалена. Неонаталната смртност беше намалена петкратно, а перинаталната за повеќе од двојно. Инвестирано беше во модерна опрема и стручен кадар.

Сега, под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, здравствениот систем се враќа во состојбата од времето на нивното претходно владеење. Животот на децата и здравјето на граѓаните не смеат да бидат колатерална штета на неспособноста и неодговорноста на оваа власт.

Го повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни институции да преземат итни мерки за заштита на здравјето на децата а министерот Таравари да си поднесе оставка“, се вели во соопштението на СДСМ.