Законот за јазиците околу 20 март – Костадиновски: Очекувам и Кадриу и Ајдари да учествуваат на седницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подготвителната седница за законот за јазиците најверојатно ќе се одржи околу 20 март, откако претходно Венецијанската комисија ќе го достави пријателскиот совет. За сега листата на присутни на оваа седница се уште не е составена, но, според претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски тоа ќе се одлучи на утрешната седница, на која ќе се дефинираат спорните правни прашања како и тоа кој ќе присуствува. Се очекува да бидат поканети нешто повеќе од 20 лица, главно експерти по уставно право, подносителите на иницијативата, како и претставници на Венецијанската комисија.

„Што се однесува до Венецијанската комисија, да испратено е писмо, имаме повратен одговор дека пријателскиот совет ќе биде усвоен на седницата на 14 и 15 март што значи дека подготвителната седница може да се очекува веќе наредните денови. На листата што ни ја има предложено судијата известител има можеби повеќе од 20 имиња, станува збор за експерти по уставно право, експерти за меѓународно право“, рече Костадиновски.

Откако членовите на судот Албанци Осман Кадриу и Насер Ајдари не присуствуваа на седницата за законот за јазиците која се одржа пред десетина дена, тие најавија дека нема да присуствуваат ниту на подготвителната седница. Костадиновски вели дека сепак очекува дека тие ќе дојдат на седницата за да ги вкрстат правните аргументи.

„Нема да дозволам судот да биде уценуван или да биде блокиран од никого. Имам и надеж и очекувања дека ќе дојдат. Ние веќе имаме расправано на работни состаноци, добро е да ги вкрстиме правните аргументи.“, вели Костадиновски.

Но она со што се соочиле годинава се силните политички притисоци, обид за влијанија и манипулации од политичките партии, а меѓу нив и од премиерот Мицкоски, но и од ДУИ.

„Анализирајќи ги изјавите да речеме на премиерот кој неколку пати има искажано кој ги избрал уставните судии. Ирелевантно е кој ги избрал, секогаш некој состав на Собранието ќе ги избере судиите. А за другите и ги видовме тука и тие изјави се стварно недолични и тие немаат никаква врска со европски стандарди, со владеење на правото.“, рече Костадиновски.

Костадиновски на денешната прес конференција говореше и за сработеното во изминатава година. Рече дека Уставниот суд во годинава во која одбележува 60 годишнина се соочил со многу повеќе предмети кои ги решиле, но и значително повеќе доставени иницијативи во однос на претходната година.