Социјалдемократскиот сојуз на Македонија алармира дека Владата го зголемила јавниот долг за 700 милиони евра во првите три месеци од годината, оценувајќи дека тоа претставува товар за граѓаните и идните генерации. Според СДСМ, овие задолжувања се користат за криминални тендери и партиско богатење, додека државата се турка кон финансиска криза.
„За две години откако Мицкоски е на власт, јавниот долг е зголемен за 2,3 милијарди евра и сега изнесува 10 милијарди и 774 милиони евра, што е историски највисоко ниво. Да биде јасно: ова е чист, нов долг. Сè што е веќе вратено е одбиено од пресметките – станува збор за нето задолжување, создадено директно од оваа неспособна и расипничка влада“, изјави Богданка Кузеска.
Според СДСМ, буџетскиот дефицит за само три месеци достигнал 408 милиони евра, додека реализацијата на приходите е само 20 проценти, што според нив покажува распаѓање на јавните финансии.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за економија, бидејќи токму тие ја довеле државата на раб на банкрот по криминал од епски размери и без никакви инвестиции, оставајќи ги граѓаните со празни џебови.
„СДСМ постојано води ПР политика и стратегија со која шири лаги и манипулира. СДСМ лажеше дека државата ќе банкротира, но не само што не банкротираше, туку се зголемија и платите; лажеше дека ќе дојдат мигранти; дека ИПАРД фондовите за земјоделците се блокирани, но Брисел потврди дека нема никакви неправилности со фондовите и ги демантираше“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите предупредуваат дека економските политики на Владата водат кон финансиска бездна и несигурност, додека владејачката партија смирува дека Владата презема конкретни мерки за подобрување на платите, состојбата и условите за живот.
