СДСМ бара кривична одговорност од владините функционери за Гостивар, ВМРО-ДПМНЕ реагира: Лагите кои ги кажуваат се на нивна штета

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од СДСМ бараaт кривична одговорност за случајот со водата за пиење во Гостивар. Од опозициската партија сметаат дека мора да има оставки поради тоа што гостиварчани неколку дена пиеле загадена вода.

„Додека Мицкоски свечено отвора базен во Кавадарци, половина Македонија нема безбедна вода за пиење. Гостивар. Валандово. Болницата во Лешок. Сега и во Крушево водата е бактериолошки неисправна. За само неколку денови имаме четири града, со загадена вода за пиење. Ова е најдраматичен доказ за целосниот системски распад на здравството и институциите под власта на Мицкоски и неговата Организирана криминална група. Прашањето е колку градови уште пијат неисправна вода? Институциите повеќе не ја извршуваат ниту својата најосновна обврска – да ги заштитат животот и здравјето на граѓаните. За труењето на народот одговорност мора да има, политичка и кривична. Министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов треба да поднесат оставки веднаш!“, изјави членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека од СДСМ шират лаги, кои одат на нивна штета.

„Со денови сведочиме како СДС на Венко Филипче и неговите другари, шират лаги за скандалот со водата во Гостивар. И, не само што шират лаги, покажуваат и непознавање на тоа како функционира системот и кој за што е надлежен, барајќи одговорност на погрешна адреса. Да ги информираме, ако не знаат или да ги потсетиме ако заборавиле, контролата на квалитетот на водата ја прават надлежните локални институции. А, локалната власт во Гостивар е на друштвото СДС, ДУИ и Арбен Таравари. Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани е кадар токму на оваа дружина. Значи, како што им укажуваме на погоре наведеното извесно време ќе им повториме и во оваа прилика дека одговорност треба да побараат во своите редови, за почеток кај личноста кои тие ја кандидираа на локалните избори. За нивно добро е час поскоро да разберат дека повторувањето на лаги секој ден е на нивна штета. Политички поени со лаги не се добиваат“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.