Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка. Работниците во култура не се статисти во општеството– реагира опозициската СДСМ, откако над 3.000 вработени на големиот христијански празник Велигден останаа без плати. Од СДСМ велат не вреди извинувањето на Љутков.
„Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата во согласност со потпишаниот колективен договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани и дискредитирани со манипулативни изјави од самото Министерство – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле „високи“. Ваквиот однос покажува целосна незаинтересираност на Владата за оние што ја носат културата на грбот“, велат од СДСМ.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ до опозициската партија, се вели СДС да не глуми загриженост за културата – бидејќи тие ја претвориле во партиска каса и платформа за криминал-реагираа. За нив извинувањето на Љутков е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот.
А, со реакција на Фејсбук излезе и првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.Вработените во Културата испоснички го дочекуваат Христовото раѓање- напиша тој. СОНК бара од министерствата да вложат вонредни напори и веднаш после празникот да се исплати заостанатата плата во установите од Културата.
„И покрај заложбата на СОНК и притисокот врз министерството за Култура , мартовската плата не е исплатена. СОНК смета дека институциите на системот мораа да изнајдат начин до ова да не дојде, што за жал, околу 4.000 вработени во Културата Велигденските празници ќе ги прослават со посна трпеза.“, изјави Неделков.

Љутков вчера на Фејсбук им се извини на вработените во културата. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне навреме. Ве уверувам дека посветено работиме ваквите ситуации никогаш повеќе да не се повторат-напиша тој. Сепак за неисплатената плата, причината ја гледа во минатото.
„Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата“, вели Љутков.

Вработените во културата за вторник закажаа протестен собир во 12:00 часот пред ресорното министерство каде ќе го искажат својот револт од непочитувањето на нивните работнички права. А најавуваат и кривични пријави доколку наредната недела не го добијат усогласувањето од 8,5 проценти со минималната плата.
„Ќе бидат поднесени тужби за ненавремена исплата на плати, како и секогаш за задоцнета исплата на плата согласно колективниот договор од 10-ти во месецот, наназад три години со парично побарување. И доколку се исплати платата без усогласувањето со минималната плата ќе се поднесат и кривични пријави за изготвувачите на таква незаконска плата“, изјави Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Македонија.
Над 120.000 вработени во јавниот сектор со мартовската плата требаше да добијат усогласување од 8,5 проценти со минималната плата, и околу 12 проценти зголемување на платите согласно Општиот колективен договор. Владата месецов ги повика Синдикатите на консултации. Усогласувањето со минималецот некои не го добија, а зголемувањето од 12% со Општиот колективен договор речиси никој не го доби.
