СДСМ бара вонредна седница и мерки по трагедијата во Кисела Вода – општината повикува на воздржаност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Кисела Вода побара итно свикување вонредна седница, по трагичниот настан во кој едно лице го загуби животот, а три беа повредени на градилиште во општината.

Од СДСМ велат дека трагедијата отвора сериозни прашања за безбедноста на градежните активности и функционирањето на институциите, поради што бараат итни мерки и целосна одговорност.

Меѓу предлозите што ги доставуваат се формирање независна стручна комисија за проверка на сите одобренија за градба на територијата на општината, воведување привремен мораториум на градежните активности до утврдување на безбедносната состојба, како и целосна транспарентност преку објавување на сите релевантни документи и наоди.

Дополнително, советниците бараат итна проценка на ризикот за објекти и лица кои се наоѓаат во потенцијално загрозени зони, со можност за евакуација доколку е потребно, како и мерки за санација и поддршка на погодените.

„Ова не е политичко прашање, туку прашање на човечки животи и безбедност“, наведуваат од советничката група.

Во меѓувреме, градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска изрази сочувство до семејството на починатиот и посака брзо закрепнување на повредените.

Таа истакна дека безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет, додавајќи дека надлежните институции веќе постапуваат и се вршат проверки за утврдување на сите околности.

Општината, како што наведе, целосно соработува со институциите и ќе постапи согласно нивните наоди и препораки, при што апелираше на воздржаност од политизација на случајот.

„Приоритет останува заштитата на граѓаните, почитувањето на законите и одговорно постапување во интерес на јавноста“, порача градоначалничката.