СДСМ и пиунот на Заев, Ковачевски удрија по џебот на народот со поскапата струја и парно – велат од ВМРО-ДПМНЕ. Лицемерни се обидите за оправдување на ваквата расипничка и антинародна мерка. Со неа сакаат да кажат дека народот треба да биде среќен што покачувањето на трошоците ќе биде само над 30 отсто, заедно за струјата и парното. Воедно од 01 јануари едно просечно семејство парите месечно што ги дава за купување на леб и млеко ќе ги троши за да покачената струја и парно, додаваат од опозициската партија.
„Секој еден граѓанин треба да знае поскапата струја, укинувањето на евтината струја и покаченото парно е исклучиво резултат на криминалните политики и пљачка која ја спроведуваат Заевци со тендерите во РЕК и ЕЛЕМ. Полните џебови на Заевци од тендерите во РЕК денес значат празни трпези за граѓаните кои плаќаат повисоки сметки“, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако новата година ја започнавме со желби за подобра година, за жал годината почна лошо – велат од АА. Трошокот од 100 000 евра дневно од евтината тарифа заедно со новото поскапување на струјата ќе го плаќаат граѓаните, бидејќи Владата нема стратегија додаваат од оваа партија.
„Од први јануари, на џебот на граѓаните со сите товари од претходната година од поскапувањето на цените на многуте продукти, се додаде и поскапувањето на централното греење во Скопје за 14 % и на републичко ниво цената на струјата за 9, 48 % како и укинувањето на дневната евтина тарифа“, вели Илире Даути.
И лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во статус на Фејсбук ја искритикува власта за поскапувањето на струјата и парното.
„Владина честитка за Нова Година: Поскапа струја и поскапо парно! Две у едно. СДС во своите најдобри моменти“, посочува Димитар Апасиев.
Демантирани се лагите на Мицкоски, цената на струјата не се зголеми за 40 отсто-велат од СДСМ.
„Со брза и навремена реакција на Владата предводена од СДСМ, спречен е ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата. Мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, придонесе цената на струјата да биде покачена за само 9,48% што е далеку под првичните прогнози од над 25%. Притоа евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рекстрикции нема да има“, додава Богданка Кузевска.
Дополнително, Владата обезбеди 60 милиони денари помош со Програмата за заштита на потрошувачите на енергија од ранливата категорија за оваа година. Овие факти го демантираат Христијан Мицкоски кој ја лажеше и плашеше јавноста цената на струјата ќе биде повисока меѓу 30 и 40 отсто велат од СДСМ.
