Собраниската сала голема купола е подготвена за конститутивната седница за новиот парламентарен состав. Уреден е надворешниот дел, исчистен е, а отстранети се и сувите дрвја.
Во вторник, 4 август, се очекува да положат заклетва новите пратеници.
По ова и официјално ќе започнат преговорите меѓу партиите за обезбедување мнозинство за формирање на новата Влада, иако кружат информации дека неформалните преговори веќе започнале. Останува да се види кој со кого ќе коалицира. Секоја опција останува отворена.
И додека партиите се „затворени“ за да ги поделат со јавноста овие опции, познавачите на политичките состојби веќе имаат свои анализи.
Алберт Муслиу е сигурен дека Македонија до септември ќе успее да формира Влада. Првичните, а воедно и најтешки преговори, ги гледа меѓу СДСМ и ДУИ. Вели дека потоа може да се бара проширено мнозинство во кое би се вклучиле и други партии, како што е коалиција АА-ААА, и ДПА.
-Бројките ги води Заев со Ахмети, кои го имаат потребното мнозинство, но сега предлозите на Европската комисија, верувам, укажуваат на тоа дека тие исто така можат да се измешаат и да преговараат и со другите, да обезбедат проширено мнозинство, со цел некои процеси што нè чекаат, особено оние со реформите и започнувањето на преговорите со Европската унија, да обезбедат поголемо мнозинство-вели Муслиу.
И аналитичарот Владимир Божиновски, коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ ја гледа како првична опција за новото мнозинство, евентуално со поддршка на ДПА. Втората опција, според него, е коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, со поддршка од Левица, но не и да биде дел од Владата. Ваков состав би бил нестабилен со 61-62 пратеници, уверува Божиновски, па затоа, за разлика од Муслиу кој е скептичен за варијантата „Влада за национален спас“ во која би биле вклучени сите партии, опцијата за проширена коалиција Божиновски ја гледа како најдобро решение од сите опции кои се располагање.
Покрај овие можни математики за формирање на мнозинство, неодамна се појавија гласини и за „купување пратеници“ од страна на СДСМ. Муслиу вели дека такви тенденции имало и порано, додека Божиновски на став дека такво нешто не би можело да ја наруши демократијата.
И американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс, повика на што поскоро формирање на Владата. Во интервју за весникот „Коха“, таа изјави дека „со оглед на кризата со Ковид-19 и другите важни прашања со кои се соочува земјата, постигнувањето договор за нова Влада ќе успее да ги реши овие прашања, затоа е приоритет“.
