СДСМ: Економските мерки и политики даваат резултати, економијата и платите растат – ВМРО-ДПМНЕ: Растат платите само на најбогатите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од СДСМ денеска преку соопштение посочуваат дека економските мерки и политики кои ги реализирала Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев дале резултат.

„Сите економски показатели покажуваат нагорен тренд, економијата оди напред. По цела година, за прв пат во месец март оваа година, во споредба со истиот месец лани, бележиме сериозна стапка на раст на индустриското производство од 7,6%. Исто така, раст од над 27,1 отсто има и индексот на прометот во индустријата. Раст од 15,8 отсто бележи и надворешната трговска размена во првиот квартал од 2021 година, а извозот во истиот период е зголемен за 18,1 отсто. Континуирано растат и платите. Просечната месечна нето – плата во март 2021 година изнесувала 28.217,00 денари, што е за 6,8% повисока од истиот месец во 2020 година“, истакнуваат од СДСМ.

Од таму велат дека ова е силна потврда за тоа дека македонската економија е стабилна, жива и динамична.

„Последиците од коронакризата се надминуваат и во оваа 2021 година предвидено е македонската економија да се врати на стабилни стапки на раст согласно економските показатели и очекувања. Економските пакети за помош и поддршка за граѓаните и за компаниите дадоа резултати. Сочувавме повеќе од 100.000 работни места. По разни дополнителни основи над 400.000 граѓани и над 35.000 компании. Во домаќинствата и во компаниите директно се вбризгани над 65 милијарди денари“, додаваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со соопштение дека растат платите само на најбогатите, додека пак тие со средни и ниски примања се борат за живот

„Економските политики на СДСМ дадоа резултат, со тоа што над 60.000 граѓани останаа без работа. Економските политики на СДСМ затворија над 6.200 фирми. Економските политики ја турнаа државата во рецесија, а над 500.000 граѓани преживуваат со едвај стотина денари на ден. СДСМ постојано го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ дека ја презадолжува државата а притоа долгот беше околу 45% од БДП. А, денес со „успешните“ политики на СДСМ долгот е 62,5%. Од 2006 до 2016 зголемувањето на јавниот долг е за 2,9 милијарди, но во исто време додадената вредност било 4,2 милијарди раст на БДП. Во време на владеење на СДСМ државата има зголемување на долгот за 2,5 милијарди, а растот на БДП од 1,8 милијарди односно имаме минус“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека „со економските политики на СДСМ во Македонија има рекордно низок процент на реализација на капитални инвестиции и никој не знае каде завршија овие пари“.