СДСМ: Фирма блиска до власта добила 74 тендери за 17,6 милиони евра – ВМРО-ДПМНЕ: Обид за замајување на јавноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за тендерски зделки тешки милиони евра. СДСМ излезе со нова бомба за сомнителни јавни набавки поврзани со една,како што рекоа, од омилените фирми на власта. Ги прозваа Обвинителството, ДКСК и Финансиската полиција дека молчат и за досега изнесените наводи на СДСМ за сомнителните јавни набавки.

„74 тендери вредни 17,6 милиони евра за само две години добила оваа фирма, „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје. Наглиот раст на склучените договори започнува во 2024 година, продолжува 2025година, па се до денеска. Само минатата година, 59 склучени договори, најголем дел од општини раководени од ВМРО – Организирана криминална група.“, рече Алексндар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ со одговор дека тоа е само замајување на јавноста. Велат истата фирма можеби двојно повеќе тендери има добиено во време кога институциите ги управувале СДСМ и ДУИ.

„СДСМ што ги брои овие тендери последните две години, треба а ја прошири пресметката на изминатите години кога те биле на власт и ќе дојде до заклучок дека истата оваа фирма, можеби и двојно повеќе тендери има добиено во време кога институциите ги управувале СДСМ заедно со ДУИ. Така што ова е едно популистичко обвинување“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ излезе и со обвинување дека додека власта нема пари за поголеми плати, зад грбот на народот едни исти фирми добиваат милионски тендери. Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија со прашање-зошто 7 години додека биле на власт не ја зголемиле минималната плата во обем како што тоа сега го бараат.