СДСМ ги критикува новите именувања во Владата, Мицкоски: Сè уште не е одлучено кој ќе го води „доброто владеење“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седницата за избор на нови министри во рамки на реконструкцијата на Владата е закажана да се одржи во понеделник, на 13 јули. Во Собранието се очекува да бидат избрани неколку нови министри и да се направат промени меѓу постојните ресори.

Процесот на реконструкција на Владата опозициската СДСМ го оценува како театар, без реални промени во структурата на власта, каде, според нив, продолжува истиот модел на владеење поврзан со бизнис интереси и тендери. СДСМ, исто така, го обвинува премиерот Мицкоски дека за функцијата „добро владеење“ е планиран Димитар Димовски, кој, како што тврдат, е негов бизнис-партнер поврзан со енергетскиот сектор.

„Реконструкцијата на Владата на Мицкоски е само театар, во суштина ништо не се менува во тендер-коалицијата. Новите имиња се само нова амбалажа за истото корумпирано владеење, кое продолжува да произведува нови скандали, нови криминални тендери и нови разочарувања за граѓаните. Газдата останува ист, Христијан Мицкоски. Антикорупцискиот тим постојано се бори и го разобличува криминалното владеење. Денеска ќе покажеме што значи за Мицкоски „доброто владеење“. Погодувате веднаш, бизнис, тендери, злоупотреби. За ресорот „добро владеење“ Мицкоски го планирал Димитар Димовски. А кој е Димитар Димовски? Долгогодишен бизнис-партнер на Мицкоски во хидроцентралите. Прво Мицкоски го постави до себе во Владата како секретар за јавни политики, сега го унпаредува.“, изјави Јон Фрчковски од СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, не потврдува вакви информации. Тој истакна дека сè уште не е објавено кој ќе го води овој сектор и дека ќе има поделба меѓу два различни секретаријата во кабинетот.

„Прво, јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што ќе имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Нема да биде истото лице. Димитар Димовски, како и десетици и стотици луѓе од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ кои беа дел од политичка хајка на криминалната влада на СДСМ и ДУИ, кои СЈО го користеа како политичка алатка, сум го коментирал многупати во минатото и нема да го коментирам“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, во однос на новите именувања на заменици-министри, премиерот Мицкоски најави дека тие нема да се случат веднаш, туку ќе бидат одложени за септември. Тој истакна дека Владата во моментов е фокусирана на расправата за реконструкцијата и ребалансот на буџетот во Собранието. Според него, поради годишните одмори на пратениците во август, процесот на пополнување на функциите ќе продолжи по овој период.