СДСМ излезе со остри критики до Владата и премиерот Христијан Мицкоски по повод состојбата со водоснабдувањето во Гостивар и Демир Капија.
Од опозициската партија велат дека истиот ден кога, како што наведуваат, беше објавено дека водата во Гостивар повторно е безбедна за пиење, Јавното комунално претпријатие „Бошава“ од Демир Капија соопштило дека водата од тамошниот водовод не е безбедна ниту за пиење, ниту за готвење.
„Мицкоски избега од пуштањето вода во Гостивар – истиот ден водата забранета во Демир Капија“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата го обвинуваат Мицкоски, како и министерот за здравство Клековски дека не се појавиле лично пред граѓаните во Гостивар, туку дека бил организиран настан на кој присутните наздравувале со вода.
„Вчера во Гостивар организираа здравица и групна фотографија со чаши вода. Срамота. Премиерот и министерот за здравство не беа таму. Од екскурзија ‘пуштаа’ вода. Не сакаа да се појават пред граѓаните“, стои во реакцијата на СДСМ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, реагираше на критиките од СДСМ, обвинувајќи го Венко Филипче за лицемерие.
„Пиењето вода од градска чешма во Гостивар пред камери не било успех, туку срам“, порача Стоилковски.
Тој потсети на случајот со снимањето на вакцинација на бебе, за кое тврди дека било злоупотребено за политички цели, додавајќи дека Филипче подоцна признал дека снимката била лажирана.
„Во Гостивар, Венко, денеска никој не лажеше. Во Гостивар се покажа дека се надминати хаосот и здравственото лудило зад коешто има твој потпис“, порача Стоилковски.
