СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија со меѓусебните обвинувања околу реформската агенда, евроинтеграциите и прашањето за уставните измени.
Од СДСМ го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека „со лаги дојде на власт и продолжува да ги лаже граѓаните“.
Од опозициската партија посочуваат дека премиерот и Владата не ги исполниле сите обврски од Реформската агенда во рокот што претходно бил најавен. Воедно, обвинуваат дека актуелната власт отстапила од дел од ставовите што ги застапувала додека била во опозиција, меѓу кои и во однос на Преспанскиот договор, членството во НАТО и евроинтегративниот процес. СДСМ наведува и дека не се реализирани очекувањата за подобрување на животниот стандард и зголемување на странските инвестиции, како и дека останале неисполнети повеќе политички ветувања дадени пред изборите.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека се додворувал на бугарскиот претседател Румен Радев уште пред тој да стане премиер и дека „Филипче почна да зборува за уставни измени и дека мора да се спроведат без гаранции, а тој уште веднаш би го направил истото доколку би имал власт“.
Од владејачката партија оценуваат дека Филипче ги продолжува политиките на поранешното раководство на СДСМ во однос на односите со Бугарија и евроинтеграциите. Тие обвинуваат дека опозициската партија е подготвена да прифати уставни измени без дополнителни гаранции од ЕУ, додека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи таков чекор без јасни гаранции и исполнување на обврските што, според нив, треба да ги преземе и бугарската страна, вклучително и спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
