СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно влегоа во политичка пресметка, овојпат околу состојбата со водата за пиење во Гостивар и односот на власта кон граѓаните погодени од проблемот.
Од СДСМ го обвинија премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека вчерашното славење на партијата во Гостивар се случило во градот каде, според нив, повеќе од 5.000 граѓани биле погодени од труење.
„Што славеа? Труењето? 22 дена вода со фекалии? Пет недели без документ за анализа на квалитетот на водата?“, прашаа од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека власта го заборавила Гостивар и покрај, како што наведуваат, ветувањата дека градот нема да биде заборавен. Според СДСМ, додека граѓаните се соочувале со последиците од проблемот со водата, претставниците на власта заминале на одмор.
„Слават таму каде што луѓето лежеа по болници. Се сликаат таму каде што кријат анализи“, обвинија од СДСМ, додавајќи дека „Гостивар не заборава“ и дека граѓаните нема да заборават.
На обвинувањата одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што ги нарекоа тврдењата на СДСМ политички конструкции, лаги и обиди за создавање паника.
Од владејачката партија велат дека фактите и доказите ги побиле, како што наведуваат, обидите на СДСМ да создаде паника поврзана со водата за пиење и побараа опозициската партија да преземе одговорност за своите тврдења.
„Нов ден, нова политичка конструкција и нов обид за создавање хаос“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го СДСМ дека наместо да се соочи со сопствените пропусти, продолжува со политички напади и ширење непотврдени тврдења.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително прашаа каде бил СДСМ кога на граѓаните во Гостивар им била потребна конкретна помош, зошто, како што тврдат, партијата не обезбедила ниту еден пакет вода и зошто не побарала одговорност од градоначалникот Валбон Лимани, за кого СДСМ барал поддршка на претходните избори.
ВМРО-ДПМНЕ го обвини и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека со политички напади се обидува да го покрие, како што наведуваат, неуспехот на опозициската партија.
Од владејачката партија порачаа дека наместо „хаос, паника и страв“, на граѓаните им се потребни работа, стабилност и конкретни резултати, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи на политичките обвинувања да одговара со факти и резултати.
