СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања за колапс во здравството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ обвинува дека здравствениот систем во државата е доведен до колапс, а власта не ја исполнува основната функција на државата, да го заштити здравјето на граѓаните.

„Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај, станува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање. Едноставно, здравствениот систем се распаѓа во држава под водство на Христијан Мицкоски и неговата екипа“, обвини Филипче.

Филипче нагласи дека здравствениот систем се соочува со сериозни проблеми, недостаток на лекови, одложување на терапии, долги листи на чекање, нефункционални операциони сали, недостиг на кадар и несоодветно управување со јавните здравствени установи.

„Основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните, очигледно дека како функција е нарушена. Пациенти со месеци чекаат да стигнат до хируршка интервенција, поради тоа што нема капацитет, ниту од аспект на кадар, ниту од инфраструктурен капацитет“, рече Филипче.

На овие обвинувања вратија од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека токму СДСМ го довела здравството во колапс.

„Венко Филипче е последниот што има кредибилитет да зборува за состојбите во здравството. СДС нема право да зборува за здравството, СДС за нивните 7 години власт направи скандали кои граѓаните ги плаќаа со своите животи.

Граѓаните добро паметат во каква состојба го остави здравствениот систем по неговиот мандат  со наталожени проблеми, недостиг на кадар, долги листи на чекање и нарушена доверба во институциите. 

Венко Филипче, како министер за здравство, направи тотален колапс на здравствениот систем. Токму во периодот кога Филипче беше министер, голем број здравствени работници го напуштија јавното здравство, а системските проблеми останаа нерешени.

Филипче како министер за здравство, не само што го доведе здравството до колапс, туку и профитираше на секој можен начин, и остави зад себе руиниран сектор во кој пациентите умираа по ходниците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.