СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со повик до Обвинителството: Да постапи по скандалите за кои секојдневно држат прес конференции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И опозициската СДСМ, но и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со повик до Обвинителството да постапи по скандалите за кои постојано држат прес конференции. Социјалдемократите бараат од Обвинителството да отвори истрага за скандалот со тендери вредни речиси 9 милиони евра, кои, според нив, биле доделени на компанија со само двајца вработени. Според СДСМ, актуелната власт ги продолжува „старите шеми на Груевски и Мијалков“, ограбувајќи ги граѓаните преку истите коруптивни практики.

Јавното обвинителство не треба да молчи, туку да постапи. Ограбувањето на народот преку коруптивни шеми за перење пари мора да запре и да има одговорност. Станува збор за 9 милиони евра пари на граѓаните, кои треба да завршат кај граѓаните, а не во џебовите на власта и на „Белиот дворец“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

И од ВМРО-ДПМНЕ има апел до Обвинителството, но за друга тема – скандалот со ИПАРД-фондовите. Според нив, Заев, Филипче и Љупчо Николовски се сомничат за корупциска шема во која бришењето на 2000 тони пченица во вредност од 800.000 евра наводно било наградено со грант од 1.4 милиони евра за компанијата на семејството Заеви.

-Добитник на овој европски грант е компанијата „Трогопродукт“ на семејството Заев, позната по брендот „Мамас“. Уште повпечатлив е фактот што, во тоа време, овој грант од 1.4 милиони евра бил вториот најголем грант во историјата на програмата ИПАРД. А ова не е единствен таков случај, затоа ја повикуваме Обвинителството да го истражи сето ова до крај, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека сега е шансата Обвинителството да се докаже, започнувајќи постапка врз основа на добиените информации и проверувајќи ги сите овие сомнежи. Од СДСМ, пак, ветуваат дека ќе ја продолжат борбата против корупцијата и криминалот на власта.