Жестока расправа се отвори на Комисијата за социјални прашања, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ побараа претседателката Илире Даути на дневен ред да ја стави точката за законот за бранителите. Ваквото барање дојде откако Даути претходно не ја закажа седницата на Комисијата за да се расправа за овој закон.
-Барам предлог законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства поднесен од пратеничката Славјанка Петровска да биде ставена како точка на дневен ред, изјави Јована Тренчевска од СДСМ.
Сепак Даути која е претседателка на Комисијата од редовите на Европскиот фронт одби да го стави на расправа овој закон со образложение дека е поминат рокот за да се додаде овој закон.
-Проблемот е што според Деловникот со кој ние работиме поминаа сите временски рокови и вие знаете дека таа точка е предложена на датумот 11-ти и од тој ден до денеска поминаа повеќе денови и рокот беше од 6 до 24 часа кога можев да го додадам, вели Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјални прашања.
Ели Панова пак од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ваквото однесување на Даути е самоволие и дека таа има обврска да го стави законот на комисиска расправа, бидејќи во спротивно за тоа ќе биде поднесена интерпелација и ќе се бара нејзина оставка.
-Значи вие не можете самоволно да одлучувате кој предлог на пратениците ќе го ставите на усвојување а кој не и во исто време да давате образложение кој што воопшто не држи вода. Јас ве повикувам да се држиме на новиот Деловник. Тоа што вие не сте ја ставиле точката на дневен ред тоа е ваша одговорност за која што јас верувам дека ќе бидете повикани за одредена интерпелација, изјави Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.
Сите заедно треба да придонесеме за меѓуетничката кохезија во оваа држава, истакна Халил Снопче од ВРЕДИ. Тој рече дека со овој предлог се провоцира и дадоа јасна поддршка на Даути да не го стави на дневен ред овој закон.
-Овој предлог нормално, како парламентарна група на ВРЕДИ го сметаме како провокација дојдена од предлагачот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Освен припадниците на државните сили, тука треба да се вметнат и припадниците на ОНА. Сето тоа што ќе направи сегрегација на ова значи е придонес да се фрли оган на меѓуетничките односи, да се расипе стабилноста на оваа држава, изјави Халил Снопче од ВРЕДИ.
Откако претходно претседателката на Комисијата јавно рече дека нема да ја стави оваа точка на дневен ред, од СДСМ побараа од претседателот на Собранието Африм Гаши да побара седницата да се одржи. Откако тоа не го стори беше побарано седница на Комисијата за деловнички прашања за да се утврди дали тој го крши Деловникот, но ниту оваа седница не е закажана.
