СДСМ избира нов претседател – членството гласа меѓу Филипче, Деспотовски и Бајдевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Членството на СДСМ одлучува кој ќе биде идниот претседател на партијата. Гласањето се одвива на 77 избирачки места, а право на глас имаат 23.377 партиски членови. Кандидатите Филипче, Деспотовски и Бајдевски иако истакнаа дека има демократски изборен процес, сепак се укажува и на некои нерегуларности. Според Филипче сите наводи и сомнежи за некакви нелегитимности се расчистени од Централната изборна комисија.

„Според информациите насекаде низ државата целокупниот процес на гласање се одвива мирно. Во изминативе денови во јавноста излегоа некои сомнежи во однос на легитимитетот на постапката. За спроведување на постапката одговорна е Централната изборна комисија која сите тие работи и забелешки ги анализираше и не извести сите нас, кандидати, дека сите тие сомнежи се неосновани и дека целокупниот процес е целосно легитимен“, вели Венко Филипче.

Но Деспотовски по гласањето во Општина Карпош пак укажува дека токму на денешното гласање имало попречување, односно, како што вели на некои од членовите не им било овозможено да гласаат.

„Членовите на СДСМ денеска ќе изберат еден нов почеток кој што треба да почне уште утре. Она што мене ме загрижува во досегашниот тек на гласањето е тоа што имам информации за голем број наши членови на кои што не им било овозможено да гласаат иако притоа имале сето она што е потребно за гласање. Сите овие случаи се евидентираат секаде, имаме контролори на сите избирачки места низ државата, односно сите општински организации“, вели Јован Деспотовски.

И Бајдевски при денешното гласање порача дека има сомнежи за злоупотреба на податоците, алудирајќи на обвинувањата на Славјанка Петровска. Најави дека ќе поднесе и соодветни претставки за ова и дека ќе се открие дали е прекршен Статутот на партијата.

„Јас реагирав на изјавата на другарката Славјанка Петровска, сметам дека има таму сериозни обвинувања, јас и јавно го повикав и генералниот секретар и Изборната комисија да се изјаснат, досега тоа не беше случај. Се надевам дека во наредниот период нема да застане тука работата. Ние имаме органи на партијата, треба да се поднесат соодветни претставки и јас тоа ќе го сторам особено во однос на базата и злоупотребата на податоците на нашите членови“, вели Александар Бајдевски.

На ваквите забелешки претседателката на Централната изборна комисија Викторија Аврамовска Мадиќ вели дека се работи само за неколку членови на кои не им било овозможено да гласаат, поради тоа што имале проблем со партиската книшка.

„Станува збор за многу мал број на гласачи, на ниво на Македонија, не се ни околу 20, бидејќи морам да напоменам дека денеска право на глас имаат сите оние кои што се запишани во избирачкиот список, активно се регистрирале на два начини, едниот е он-лајн или со пријава во општинската организација и со себе поседуваат црвена членска книшка, бидејќи системски мораат да гласаат преку читачот“, вели Викторија Аврамовска Мадиќ.

Славјанка Петровска која исто така се кандидираше за претседателка на СДСМ ја повлече кандидатура вчера, ден пред изборите, наведувајќи дека има сериозни забелешки во однос на легитимноста на изборниот список, како и на злоупотреба на личните податоци на голем број членови. Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател Димитар Ковачевски си поднесе оставка по поразот на изборите откако СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори.