СДСМ изразува загриженост за дата-центрите – ВМРО-ДПМНЕ: можност за развој и инвестиции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди на ризиците што изградбата на дата-центрите може да ги донесе за снабдувањето со вода, земјоделството и цената на електричната енергија. Тој рече дека центрите ќе трошат големи количества вода и енергија, отворајќи прашање дали земјоделците би можеле да се соочат со недостиг на вода и дали ќе биде потребен дополнителен увоз на електрична енергија.

„Понатаму, овие дата-центри трошат големи капацитети на електрична енергија! Дали тоа значи дека поради тоа што ќе се користи повеќе електрична енергија, таа ќе поскапи?! Дополнително, ќе зависам од дополнителен увоз, бидејќи оваа влада е добро позната по тоа, имајќи предвид дека производните капацитети во државата работат најлошо досега и многу повеќе од кога било претходно зависиме од увоз на електрична енергија од странство“, вели Венко Филипче.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, рече дека дата-центрите се капитални инвестиции кои можат да донесат странски капитал, нови услуги и знаења, како и да ја диверзифицираат економијата на Македонија. Според него, земјата не треба да ја пропушти новата индустриска револуција, додека инвестициите во дата-центри можат да ја позиционираат Македонија како регионален хаб за cloud технологија, вештачка интелигенција и сајбер-безбедност.

„И да, дата-центрите трошат многу енергија. Токму затоа треба да ги искористиме како катализатор за нова енергетска инфраструктура. PPA-договорите со обновлива енергија, батериските системи за складирање на енергијата и паметното управување со потрошувачката можат да поттикнат нови инвестиции во обновливи извори и модернизација на електроенергетската мрежа“ вели Бране Петрушевски.

Социјалдемократите во опозиција предупредуваат и на влијанието врз животната средина, особено на загреаната вода која се користи за ладење на центрите и можните последици за реките и биодиверзитетот од дата-центрите, додека ВМРО-ДПМНЕ на власт повторува дека тие едноставно треба добро да се планираат и да бидат во согласност со сите утврдени стандарди.