СДСМ ја обвинува владејачката партија за напад на младите активисти во Ново Село, ВМРО-ДПМНЕ реагира: „Децата“ се осудени насилници и трговци со дрога

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжија со размена на обвинувања за недомнешниот инцидент во Ново Село. Додека СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад нападот на нејзини млади активисти, оттаму возвраќаат дека Венко Филипче со насилници и лица корисници на наркотични средства и опојни дроги сакал да предизвика инцидент.

Претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски на денешната прес конференција рече дека во Ново Село, се случило нешто што не смее да се премолчи.

„Младите стоеја мирно. Носеа транспарент за вистина – дека Гостивар се труе со вода, дека луѓето се разболуваат, дека државата молчи и нема одговорност. И за тоа беа нападнати. Група насилници, испратени со јасна намера, се обидоа да ги замолчат“, истакна тој, обвинувајќи дека меѓу нив има лица поврзани со премиерот и ВМРО, членови на ВМРО, пратеници на ВМРО и возачот на градоначалникот од ВМРО.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството – веднаш. Не утре. Не за една недела. Веднаш да ги идентификуваат сите учесници во нападот и да ги приведат. Да се утврди и кој го дал налогот за нападот врз младите. Затоа што ова не беше спонтано. Ова беше испратено“, изјави Стојчевски.

Од друга страна, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски вели дека лидерот на СДСМ Филипче сака да го сврти вниманието и да ги прикаже за жртви оние кои тој ги нарече деца.

„Всушност, вистината е сосема поинаква. „Децата“ на Филипче, кои ги претставува како деца на Македонија во Ново Село, се лица кои се правосилно осудени на условни казни затвор за насилство и за кривично дело поседување на дрога и наркотични средства по член 215 од Кривичниот законик“, истакна Манасиевски, прикажувајќи видео и документи со кривични пријави и условни затворски пресуди за посочените лица.

„Вистината е дека Венко Филипче со насилници и лица корисници на наркотични средства и опојни дроги сакаше да предизвика инцидент во Ново Село, за да настрадаат недолжни луѓе и граѓани. Исто како што пушташе насилници и провокатори во Ташмаруништа“, рече порпаролот на владејаќката партија Манасиевски.