СДСМ контра власта за парите од Велика Британија: „Не се знае кои се условите, колкава е каматата…“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозицијата ја обвинува власта за нетранспарентност во однос на договорот со Велика Британија, со кој на Македонија ќе и се стават на располагање шест милијарди евра. Од СДСМ велат дека јавноста воопшто не е запознаена со содржината и обврските од договорот.

Опозицијата ја обвинува власта за нетранспарентност во однос на договорот со Велика Британија, со кој на Македонија ќе и се стават на располагање шест милијарди евра. Од СДСМ велат дека јавноста воопшто не е запознаена со содржината и обврските од договорот.

„Нема одговори за тоа кои се условите, колкава е каматата, на колку години ќе се враќа овој кредит и колку тоа ќе ги чини граѓаните на самиот крај. Се што слушаме се паушални изјави, без никакви детали“, изјави Мартин Костовски од СДСМ.

Од владејачкото мнозинство велат дека откако договорот ќе пристигне во Собранието, тие ќе гледаат да ја забрзаат процедурата за негова ратификација. Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат да не се блокираат проекти што ќе овозможат брза пруга, како и медицински установи во Штип, Кичево и Тетово.

„Се надевам дека секој одговорен политичар, особено оние од парламентарните партии, ќе се надминат себеси во суетите за критика и ќе ги поддржат овие проекти, бидејќи јасно и транспарентно ќе бидат дадени сите финансиски детали, коишто повторувам и укажувам дека ќе бидат убедливо најповолни коишто некогаш биле земени во историјата на Република Македонија“, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

За договорот со Британија, од коалицијата „Вреди“ истакнаа дека е пример за поддршката од меѓународната заедница.

„ВЛЕН, како политички чадор што ја претставува волјата и надежта на албанските граѓани и на сите граѓани на земјата, гарантира дека овој инвестициски пакет нема да остане на хартија, туку ќе се прошири праведно и подеднакво на албанските области каде што со децении се потребни повеќе грижа и вистински инвестиции“, велат од коалицијата ВРЕДИ.

Договорот ќе биде потпишан утре во Лондон од страна на вицепремиерот Александар Николоски. Тој претходно кажа дека за почеток ќе се побарат 2,2, милијарди евра и денот на потпишување ќе биде историски, зашто станува збор за средства кои не можат да се обезбедат од ниту една финансиска институција. Николоски не ги откри каматите, но вели дека парите ќе почнуваат да се враќаат откако проектите ќе бидат финализирани