СДСМ: ММФ ја демантираше Владата за економскиот раст – ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ манипулира со економските податоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвини Владата дека ги довела во заблуда граѓаните со тврдењата за економскиот раст, повикувајќи се на проекциите на Меѓународниот монетарен фонд, според кои економијата на Македонија се очекува просечно да расте за 3% во следните пет години.

Според опозицијата, земјата ќе има побавно темпо на економски раст во споредба со државите од регионот, а се посочуваат и падот на странските инвестиции, намалувањето на индустриското производство и зголемувањето на јавниот долг.

„Пред Македонија се рангирани Албанија со 3,19%, Србија со 3,5%, Молдавија, Украина и Косово со 3,95%. Тоа е реалноста и вистината. Сè друго беа политички лаги. На крајот, тоа граѓаните најдобро го знаат и го чувствуваат преку своите празни паричници и празни фрижидери“, вели Наташа Поповиќ од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како манипулации и нагласувајќи дека проекциите на Меѓународниот монетарен фонд се предвидувања, додека Владата реализира инвестиции, инфраструктурни проекти и политики кои, според нив, веќе даваат резултати. Пратеникот Бојан Стојаноски изјави дека инфлацијата во јуни се намалила на 3,4%, додека цените на храната и безалкохолните пијалаци се стабилизирале благодарение на мерките преземени за време на енергетската криза.

„Успешното спроведување на владините мерки за енергетската криза беше навремено потврдено и од ММФ, кој истакна дека Македонија е меѓу првите три земји според мерките преземени за ублажување на ударот од цените на горивата“, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека опозициската СДСМ оценува дека економските политики на Владата го влошиле животниот стандард на граѓаните и бара промена на пристапот во управувањето со економијата, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека економијата оди напред и дека животниот стандард ќе се подобрува преку инвестиции и одговорно управување со јавните финансии.