„Нема да дозволиме градовите и општините да бидат завиени во мрак. На граѓаните им е потребна зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот“, велат од СДСМ, како одговор на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа градот Скопје да се откаже од новогодишното украсување, кое, според информациите ќе чини 200 илјади евра.
Од СДСМ велат дека ќе има украсување, и истото ќе биде поскромно од минатите години.
„Секако оваа година значително ќе се намалат средствата што се двојат за оваа намена, со цел украсувањето да биде поскромно и прилагодено на можностите и целата состојба“, стои во соопштението.
Од СДСМ повторно ја обвинија опозицијата за непридонесување во борбаа со коронавирусот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на денешната седница на Град Скопје, побарале парите за украсување да бидат пренаменети за купување на лаптоп компјутери за учениците кои не можат да си дозволат, поради следење на онлајн настава.
„Дрско и неодговорно е расипништвото на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој во период на најголема светска здравствена и економска криза троши 200 илјади евра за сијалички, лампиони и останати реквизити за новогодишно украсување. Шилегов има пари за лампиони, но болниците немаат возила за итна медицинска помош. Шилегов троши 200 илјади евра за сијалички и украси, а учениците немаат компјутери за да следат онлајн-настава“, изјави советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Ирена Попова.
