СДСМ: На Мицкоски му се брза за предвремени избори – Мицкоски: Оваа година избори ќе нема, би сакал да бидат редовни во 2028 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од СДСМ велат дека на премиерот Христијан Мицкоски му се брза за предвремени избори, затоа што, како што велат, падна неговиот пријател Виктор Орбан, а со тоа почнува распадот и на, како што кажуваат, „криминалната мрежа“ која ја граделе во регионот.

„Се потврдува она што СДСМ веќе подолг период го зборува, на Мицкоски му се брза за предвремени избори.

Со падот на неговиот пријател Виктор Орбан, почнува распадот на криминалната мрежа што со години ја градеа во регионот.

Во Унгарија веќе се најавуваат истраги кои ќе стигнат до Мицкоски и неговиот „голем брат“ Вучиќ.

Сите братски бизнис шеми наскоро ќе бидат под лупа. Орбановата медиумска мрежа, сомнителните зделки, тендери, телекомуникациските и енергетските бизниси поврзани со Орбан, целиот криминален октопод ќе се истражува.

Сега имаат уште поголем мотив, стравот од истрагите и одговорноста.

Како што СДСМ со месеци предупредуваше – кога ќе снема пари за тендери и за полнење џебови, криминалната организација ВМРО веднаш ќе почне подготовки за избори“, вели Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Одговори и премиерот Мицкоски, кој кажа дека ова година избори ќе нема, и дека очекува истите да се случат редовно, на пролет 2028 година.

„Оваа година избори ќе нема, оваа е реформска и година на констолидирање. Јас би сакал да имаме редовни избори пролетва 2028 година. Дали 2027 година е опција, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвен да оди на избори и да победи, но нашиот фокус е да испорачаме реформи и да ја зголемите економската моќ на граѓаните“, рече Мицкоски.