Новиот Клинички центар кој премиерот Христијан Мицкоски го најави деновиве ги скара СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За опозициската СДСМ овој проект е уште еден од лагите на премиерот, бидејќи како што рекоа, во време кога СДСМ ја предложи изградбата на новиот Клинички, ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше во Собрание, а сега ветуваат изградба на нов, кој според нив има отворени прашања.
„Локацијата што ја најавува е целосно несоодветна за изградба на толку голем и комплексен здравствен објект. Дополнително во непосредна близина на овој потег веќе се планирани други крупни инфраструктурни зафати, меѓу кои и нова зграда на АНБ на државно земјиште. Тоа значи дека просторот не може да издржи толку обемни инфраструктувни објекти. Се поставува сериозно прашање, по кој закон во каква постапка и врз основа на каква одлука Владата директно преговара со приватни сопственици за отстапување земјиште.“, вели Рената Младеновска.
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија дека токму Филипче кога бил министер за здравство ветувал нов модерен здравствен комплекс, но дека оставил руинирано здравство и сомнежи за корупција.
„Со СДС и Филипче граѓаните не добија нов Клинички центар, не добија подобро здравство, не добија подобри услови за лекување. За новиот Клинички центар се разгледува локација кај базенот „Борис Трајковски“ кој заедно со „8 Септември“ и Поликлиниката Букурешт би бил еден целосен комплекс. Таа локација е на два булевари, пристап до гас и блиску до обиколницата.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Мицкоски деновиве најави дека се планира изградба на нов Клинички центар кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и дека доколку се оди како што треба изградбата би почнала идната година. Сепак тој откри дека проблем претставува тоа што локацијата каде се предвидува изградбата е приватен имот, но дека се во фаза на преговори со сопственикот.
