Социјалдемократите тврдат дека е чиста лага изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски се деполитизирал. Тој во меѓувреме ги напуштил партиските функции, но според СДСМ сите објави на Христовски на социјалните мрежи се партиски и во функција на пропаганда за Мицкоски. Од опозицијата додаваат и дека Христовски има скриени намери против Агенцијата што сега веќе ја раководи.
„На први септември оваа година Христовски ќе напише, цитирам „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!“. Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ?“ – изјави Методија Илиевски од СДСМ.
Од друга страна премиерот Мицкоски повтори дека се работи на план за спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, која пак е под капата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„Ова е резултат на потреба како реформа, не затоа што некој сега има лична фрустрација па ќе спојува агенции. Така е направено во најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски повторно застана во одбрана на назначувањето на Христовски, истакнувајќи дека неоправдано во минатото му бил одземен безбедносниот сертификат.
„Апсолутно верувам во професионалните капацитети на Бојан Христовски, како кадар којшто преку една фер судска постапка во минатото покажа и докажа дека е жртва на политички мобинг и прогон“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Реформите во безбедносните служби беа најавени за од почетокот на наредната година. Дотогаш се очекува прв човек на АНБ да остане Бојан Христовски, а со Агенцијата за разузнавање во моментов директорува Габриела Јаковлева.
