СДСМ продолжува да бара референдум за ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа: Уставни измени без гаранции нема да има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полемиките околу евроинтегративниот процес и можните уставни измени продолжуваат, откако СДСМ повторно побара распишување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за иднината на државата и нејзиниот пат кон Европската Унија, додека од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека уставни измени без јасни гаранции од ЕУ нема да има.

Од СДСМ велат дека премиерот Христијан Мицкоски нема право сам да одлучува за иднината на граѓаните и побараа Владата да не бега од волјата на народот.

„Распишете референдум и дозволете им на граѓаните сами да одлучат за иднината на државата. Не може Владата да се крие зад изговорот дека нема пари за референдум кога има средства за тендери, нов авион и луксузен живот“, соопштија од опозициската партија.

Од таму предупредуваат дека цената од одложувањето на членството во ЕУ нема да ја платат премиерот, министрите и функционерите од владата, туку граѓаните, особено младите кои, според нив, ќе продолжат да ја бараат својата иднина надвор од земјата.

„Цената ќе ја платат граѓаните. Цената ќе ја платат младите луѓе кои ќе продолжат да ги пакуваат куферите и да ја бараат својата иднина надвор од Македонија. Цената ќе ја платат семејствата кои ќе останат разделени“, се вели во соопштението на СДСМ.

На ваквите ставови одговори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, кој истакна дека промени на Уставот за внесување на Бугарите нема да има без конкретни гаранции од Европската Унија.

„Уставни измени без гаранции од ЕУ во форма на заклучоци нема да има. Сите се сеќаваме дека последните измени на уставот за промена на уставното име, ги направија Филипче и Заев, откако претходно беа убедувани дека тоа е последниот чекор на Македонија и утре дента ние влегуваме во ЕУ“, рече Манасиевски.

Тој потсети дека СДСМ и ДУИ тогаш промовираа уставни измени за промена на името, „за кои уверуваа дека следуваат бесплатно здравство, бесплатни вакцини, стипендии, но наместо отворање на поглавјата и преговори со ЕУ, ние добивме слика од владин авион“.

Според Манасиевски, „лековерноста на политичарите како Венко Филипче и Зоран Заев доведе да го промениме државното име и наместо влез во ЕУ, да добиеме вето од Холандија, Франција, а подоцна и од самата Бугарија“, обвинувајќи дека сегашниот и екс-лидерот на СДСМ „ги лажат граѓаните дека Бугарите во Устав се рецептот за чекор кон ЕУ, односно за влез кон ЕУ“.

Од владејачката партија порачаа дека нема да дозволат, како што велат, повторно да биде прегазена волјата на граѓаните и дека нема да има уставни измени без гаранции од Брисел за натамошниот тек на македонските евроинтеграции.