Назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност беше во диктакторски манир, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Поставувањето на Бојан Христовски на чело на Агенцијата, Филипче го оцени како партиско киднапирање. Тој смета дека се понижени професионалците од Агенцијата и очекува реакција од меѓународните партнери.
„Ќе ги известиме сите наши стратешки партнери и ќе побараме соодветно мислење и реакција од нивна страна, но истовремено ја повикувам и претседателката Сиљановска Давкова да заземе свој став и да го запре најавеното фузионирање на АНБ со Агенцијата за разузнавање, да не се откажува од нејзините ингеренции.“, вели Венко ФИлипче.
За изборот на Христовски негодуваше и ДУИ. Оттаму велат дека со ваква Агенција треба да раководи неполитички и стручен кадар.
„Во февруари 2023 година беше назначен за претседател на Комитетот на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје. Овој избор отвора многу дилеми и со право може да се посомневаме дека намерата е безбедносните инситуции да се претворат во партиски штабови“, ели Валдет Џафери.
Инаку, спојувањето на АНБ и Агенцијата за разузнавање е најавено за следната година. Токму со оваа реформа директорот Христовски, во интервју за „Код“, го образложи неговиот фејсбук статус од септември годинава кога и честиташе последен роденден на Агенцијата со која сега директорува. Според опозицијата, ваквиот статус бил најава дека Христовски ќе ја уништел АНБ.
„Доколку тоа се случи во текот на следната година, како што беа најавите на премиерот, АНБ формално повеќе нема да постои, така што не може да се прославува роденден на Агенција за национална безбедност на институција којашто не постои“, вели Бојан Христовски.
Христовски во интервјуто не ги искоментира обвинувањата од СДСМ за неговиот сертификат за познавање на англиски јазик, кој наводно бил издаден во Пловдив, Бугарија, а таму нема лиценцирани центри за издавање на ваков сертификат. Христовски додаде дека откако стапил на функцијата започнал и постапка за безбедносен сертификат од највисок степен – државна тајна.
