И СДСМ со реакција по изречената пресуда за „Таргет Тврдина“ во која Сашо Мијалков, екс директорот на УБК доби 12 години затвор.
Од таму велат дека правдата е задоволена, и дека паѓаат во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ.
„Правдата е тука. Денешната пресуда против обвинетите во предметот „Тврдина-Таргет“ е потврда дека времето на партизираното судство, времето кога некои беа над законите е завршено.
Во Република Северна Македонија се случува правда, законите важат за сите подеднакво.
Изречена е првата пресуда за нелегалното прислушување што Сашо Мијалков и врвот на ВМРО-ДПМНЕ со години го практикувале.
Со ова, стигна правдата за над 20.000 граѓани, кои незаконски биле прислушувани со години, само затоа што не мислеле и делувале како врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа пресуда е силен удар кон остатоците на режимот на ВМРО-ДПМНЕ спроведуван од Груевски, Мијалков, Јанкуловска и многу други, кој се уште вирее во Белата палата.
Очекуваме и сите други случаи и предмети, покренати од Специјалното јавно обвинителство и од другите обвинителства кои се водат во судовите, да добијат разрешница и одговорните да бидат соодветно казнети.
Со денешната пресуда паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и потрчкото на Мијалков и Груевски, Христијан Мицкоски.
Денеска Мицкоски доживеа уште еден пораз, повторно не успеа да го одбрани криминалот во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше единствената негова улога за којашто беше поставен токму од Груевски и Мијалов на чело на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски е постојано поразуван од правдата, поразуван од граѓаните.“, рече Мартин Косовски, пратеник од редовите на СДСМ.
