СДСМ со нови обвинувања – ВМРО-ДПМНЕ возвраќа: Погледнете ги вашите скандали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ излезе со нови детали за тендерот во вредност од 9 милиони евра. Социјалдемократите ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека наместила јавна набавка, во која вториот човек во компанијата, која го добила тендерот е Глигор Поцев. Портпаролката на партијата рече дека станува збор за истата ситуација, како што ја нарече, „криминална шема на тендери“ од претходниците во ВМРО-ДПМНЕ.

„Скандалот со тендерите во вредност од 9 милиони евра, дадени на компанија со двајца вработени, основана само пред една година, јасно покажува дека истата криминална школа на Никола Груевски и Сашо Мијалков владее и над Христијан Мицкоски. Методите се исти: тендери вредни милиони, платени со пари на граѓаните, за компании со сомнителна или речиси непостоечка историја. Целта е иста — збогатување на партијата и поединци на врвот на власта.“, порача Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат, велејќи дека СДСМ стигнала до точка да зборува за тоа кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува како наводен скандал. Според ВМРО-ДПМНЕ, списокот на скандали, афери и манипулирани тендери во СДСМ е долг. Тие ја повикаа опозициската партија да ги разгледа сопствените редови и да ги исчисти од структури кои, како што велат, се докажано криминални, а кои сакаат да ги прикажат како „нови лица“.

„Вчера тие тврдеа дека првиот работник во споменатата компанија бил роднина на Димче Арсовски, а откако тој спин пропадна, излегоа со нов спин за да се оправдаат. Не треба да ги заборавиме ни криминалите на Драги Рашковски, кој како генерален секретар на Владата спроведуваше тендерски постапки за набавка на софтвери за кои никој не знаеше или не ги користеше.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ побара институциите да спроведат истрага и да ги најдат одговорните, нагласувајќи дека „овие дела не застаруваат“ и дека, како што рече Кузеска, „мора и ќе има одговорност“. Таа додаде дека Поцев бил сведок во случајот „Таргет-Тврдина“ за уништување на уредите за масовно прислушување, како тогашен вработен во ДБК во периодот на Сашо Мијалков.