Нашата делегација во НАТО не направи ништо за да ги зајакне меѓународните позиции на земјава, критикува опозициската СДСМ, која посетата на владината делегација ја нарече голем дебакл. Мицкоски и владината делегација не остварија ниту една значајна средба со стратешките партнери или пак во однос на Грција и Бугарија, велат од СДСМ.
„Мицкоски се обиде да ја скрие средбата со Главчев, за која бугарскиот премиер рече дека била „долга и широка“ без да каже што побарал и дали нешто од тоа што дома го кажува му го пренел на Главчев. Додека грчкиот премиер јасно ги повтори своите позиции во САД, Мицкоски имаше протоколарни средби на ниско ниво, а неговите министри се сликаа во околните кафулиња“, вели СДСМ.
На ваквите критики од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека маргиналци се СДСМ а владината делегација имала остварено бројни средби со високи државници на НАТО.
„СДС и малиот Заев, Венко Филипче жалат што Македонија нема повеќе свиткана кичма во НАТО. Маргиналци беа СДС со нивните две средби и две штури соопштенија наспроти остварените повеќе од 20 средби и разговори со државници од НАТО алијансата. Фуриозна и динамична агенда на претседателот Мицкоски, поздравена и поддржана од сите. Очигледно е дека СДС и малиот Заев имаат сериозен проблем со термините“, вели Тони Јаревски.
Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на одбележувањето на 75 годишнината од формирањето на НАТО при што беше одржан и самит на алијансата.
