Разговорите со другите политички партии за взаемна поддршка се во тек и одлуката со кого и каде ќе се поддржиме ќе ја донесеме до среда. Ова го изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче во однос на гласањето во вториот круг што ќе се одржи следната недела.
„Ние ќе донесеме конечен заклучок за тоа како ќе се поставиме и со кого ќе коалицираме во следните неколку денови, најкасно до средина на следнава недела некаде до среда. Во рамките на тие разговори апсолутно разговараме за двете работи, таму каде нас ни треба поддршка и таму каде што ние треба да дадеме поддршка. Во тек се разговорите и ќе ги финишираме во текот на утрешниот ден, вторник, најкасно“, рече Филипче.

Се водат ли разговори со Левица бидејќи таму каде што влегува СДСМ во втор круг нема противкандидат од Левица и обратно. Кандидатот за градоначалник на Скопје Амар Мециновиќ очекува да ги добие гласовите од нивниот кандидат но вели дека се уште немале разговори.
„Сметам дека тоа што се однесува оваа визија на која повикувам дека ја делиме сметам дека голем дел од луѓето кои гласаа за госпоѓа Каја Шукова и сметаат дека јавниот интерес треба да има главен фокус за една градска власт и многу други работи сметам дека можам да ја добијам нивната поддршка. Не сме имале никакви разговори со никого, не сме имале разговори ни во преткампањата, ни за време на кампањата. Ние откако сме веќе во вториот круг немало разговори.“, вели Мециновиќ.

Атмосферата што се наметна со повици за гласања по етничка основа за тоа кој кого ќе поддржува во Брвеница или пак во Кичево според Филипче е неприфатливо.
„Мислам дека мултиетничкиот карактер на нашата земја, реално добрите меѓуетнички односи се нешто што треба да останат приоритет. Од друга страна факт е дека граѓаните многу често гласаат по етничка линија. Нема да се водиме по етничката разлика, разговараме со сите политички чинители, не е тоа само Кичево, Брвеница, станува збор за Скопје, станува збор за тоа што и како ќе се поставиме во Карпош во Куманово“, изјави Филипче.
Филипче се пожали и дека во општините каде имаат нивни кандидати за градоначалници се соочувале, како што рече, со притисоци пред гласањето и тоа во вид на полициски, финансиски контроли, преку центри за социјална работа а биле нудени и пари за поткуп на гласови. Поради сето ова работевме во навистина тешки околности рече тој.
