Се бара вина кај екс министерот за пожар што се случи 13 години по неговиот мандат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Татјана Поповски Булоски, бранителка на поранешниот министер за економија, пред судот го критикуваше обвинението за пожарот во дискотеката Пулс, истакнувајќи дека постапувањето на министерот во 2012 година нема никаква врска со трагедијата која се случи 13 години подоцна.

Поповски Булоски објасни дека лиценцата издадена од Министерството за економија во 2012 се однесувала на кабаре на ул. Димитар Влахов, а не на дискотеката на ул. Крижевска каде се случи пожарот. Лиценцата била со рок од една година и не овозможувала никакви активности кои би го довеле во опасност објектот или посетителите.

„Министерот постапувал во рамките на законските надлежности на Министерството. Тој не можел ниту да контролира, ниту да предвиди настан кој ќе се случи 13 години подоцна“, нагласи Поповски Булоски.

Одбраната посочи дека Обвинителството се повикува на концепт на „долгорочен каузалитет“, кој, според бранителката, не е применлив во кривичното право, бидејќи законските норми бараат да се гледа само непосредната причина на настанот.

Поповски Булоски истакна дека целта на одбраната е да се докаже дека поранешниот министер нема вина и да се обезбеди правда за семејствата на жртвите, како и за преживеаните кои сè уште се во процес на опоравување.

„Судот треба да ја разгледа целата документација и да го утврди вистинското одговорно лице, наместо да се обвинува некој кој нема никаква врска со настанот“, рече Поповски Булоски.