Директорот на ЦИА во Хавана на разговори со претставници на кубанските власти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, се сретнал во Хавана со претставници на кубанската влада, соопштија официјални кубански извори.

Според Ројтерс, средбата со високи претставници на Министерството за внатрешни работи на Куба била одржана на барање на американската страна, се наведува во соопштението на кубанската влада. Од официјална Хавана велат дека посетата имала цел да го поттикне политичкиот дијалог меѓу двете земји во услови на „комплексни“ билатерални односи.

Кубанските власти му порачале на Ретклиф и на американската делегација дека островот „не претставува закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави“.

Воедно било нагласено дека нема причина Куба да остане на американската листа на држави спонзори на тероризмот, што носи и дополнителни санкции.

Хавана истакнала дека Куба ниту финансира, ниту толерира терористички организации и дека никогаш не поддржувала непријателски активности против САД.

Медиумите „Аксиос“ и „Ен-Би-Си њуз“, повикувајќи се на претставник на ЦИА, објавија дека Ретклиф ја посетил Куба за да пренесе порака од американскиот претседател Доналд Трамп во врска со подготвеноста на САД за сериозен економски и безбедносен ангажман, доколку Куба спроведе суштински промени.

Односите меѓу двете земји се затегнати уште од Кубанската револуција во 1959 година, а дополнително се влошија по последните политички промени во Вашингтон.

По враќањето во Белата куќа во јануари 2025 година, Доналд Трамп повторно ја стави Куба на листата на држави спонзори на тероризмот и го засили притисокот за економски и политички промени.