Се фалеа, но театарот и натаму затворен – Муртези: Отворањето на албанскиот театар одложено поради пандемијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се фотографираа, го снимаа, и ДУИ и Алтернатива се фалеа, но Албанскиот театар во Скопје се уште не е отворен. “Театарот се прави со работа, не со зборови“. Вака напиша актуелниот министер за култура, Хисни Исмаили во изборната кампања, кога објави и видео снимка од гигантскиот театарски објект. На крајот на минатата година, вицепремиерот Бујар Османи се фотографираше на сцената на театарот каде пишуваше “Речено, сторено“, алудирајќи дека заслугите за основањето на театарот во Скопје и припаѓаат на ДУИ. Меѓутоа ниедна партија не успеа да го отвори за љубителите на театарот.

Пред еден месец за ТВ21 министерот Хисни Исмаили рече дека не знае зошто Министерството за транспорт и врски не ја издава дозволата за отворање на театарот.

„Објектот како што знаете е комплетиран, во мојот мандат се комплетираше, како што знаете се е во ред, но се чека дозвола од Министерството за транспорт и врски за технички прием, но не знам од кои причини, се обидуваме но не можеме да ја добиеме дозволата. Со таа дозвола ќе може театарот официјално да започне со работа.“, рече Исмаили.

Во март оваа година, Илбер Муртези, вд. Директор на театарот само што дојде на функција, со целосна убеденост рече дека Театарот ќе се отвори официјално пред изборите на 12 април.

„Не треба да зависиме ниту од изборите, ќе има, ќе нема, ќе се одложи, нема да се одложи, ќе има болест или нема да има, нам ни е приоритет да се отвори објектот за да имаме редовен репертоар“, рече Муртези.

Денеска вели дека  отворање на театарот се одложува поради пандемијата со Ковид-19.

„Има Комисија во Министерството на транспорт и врски која се состои од 5 члена и еден член треба да испрати министерството за економија и екологија, и сега поради пандемијата, бидејќи ги штити и законот да не одат на работа, да го направат техничкиот прием во нашиот објект. Но и ако не ја добиеме, јас сум секогаш за компромиси, ние можеме да ги одржуваме пробите во овој објект  и премиерите да ги реализираме во Народниот театар, во Драмски, во Куманово или Тетово. Како и да е, ние не можеме да продолжиме со проекти, затворени премиери, колку за мачкање очи да ги оправдаме средствата од Министерство за култура.“, изјави Муртези.

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири изјави дека реконструкцијата на Албанскиот театар во Скопје е заслуга на Владата на чело со премиерот Зоран Заев. Инаку реконструкцијата н албанскиот театар во Скопје почна во 2013, кога со театарот раководеше директорот Адем Карага. Градежниот дел заврши во октомври 2019, меѓутоа се уште нема зелено светло за официјално отворање на овој важен објект за културата.