Координиран Балкан кој ќе работи заедно, е пораката од денешниот Состанок на шефовите на Влади од Југоисточна Европа, членки на НАТО што денеска се одржува во Софија. Бугарскиот премиер Кирил Петков кој е и домаќин на средбата рече случувањата во Украина го ставаат регионот под закана и затоа е важна координацијата на балканско ниво. Темата Македонија-Бугарија не беше изоставена од денешната средба. За прв пат по формирањето на новите Влади премиерите информираа дека е постигнат напредок во преговорите.
„Ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и НАТО. Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина станува безбедносна политика и застојот во овој процес создава дополнителна нестабилност за регионот, затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание од трети страни. Одложување на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми кои може да резултираат со намалување на довербата на граѓаните во ЕУ“, рече Ковачевски.
„Имам добри вести и за комисијата за историја. Некои работи кои беа тешки да се надминат, сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ќе ви ги покаже моите намери да постигнеме резултати што е можно побрзо. Оптимист сум за целиот процес, оптимист сум дека ќе постигнеме се што зацртавме со Димитар што е можно поскоро“, вели Петков.
Руската инвазија врз Украина има големо влијание врз Балканот, па денеска е постигнат договор со кој ќе се одговори со отпор што вклучува спротивставување на лажните вести, зголемување на енергетската независност и зголемена трговска размена меѓу земјите од Југоисточна Европа. На маса е и темата за поврзаноста, како и локалната корупција.
„Немаме сомнеж дека Русија сега е најсериозната закана за нашата заедничка безбедност. Потребна ни е посилна одбрана за поефективно одвраќање и ни треба отпорност на општеството токму за оваа подобра безбедност. Го сфаќаме влијанието на Русија во регионот и одлучивме да се соочиме со него со зголемување на нашата отпорност“, рече премиерот на Романија Николае Чука.
„Локалната корупција во многу случаи е инструмент кој што руската федерација го искористи за свое влијание во регионот. Истите луѓе кои се корумпирани на локално ниво се всушност агенти на странски интереси и тоа нешто за што треба да се дискутира“, вели Петков.
„Порано Балканот беше буре барут но сега веќе не е така, барем јас не го гледам така. Мојата генерација добро се сеќава на она што се случуваше во поранешна Југославија и ваквите спомени на сите политичари им праќа една порака, дека ова никогаш веќе не треба да се повтори“, рече премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.
На маргините на оваа средба се одржа и билатерална средба меѓу Ковачевски и Петков зад затворени вратни.
