Се кратат парите за општините, нерезидентното население ги остава општините со помалку советници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Ова е лудница.“

Вака министерот од редовите на „Вреди“, Арбен Таравари ги искоментира критиките на опозицијата кои се однесуваат на владина одлука што ќе овозможи да се намали бројот на советници во дел од општините. Но, ќе се намалат и парите за општините што тие ги добиваат од централната власт. Прв за одлуката реагираше градоначалникот на Сарај, Иљас Весели.

„На 24.09.2024 година, актуелната влада донесе одлука да не се брои нерезидентното население кое брои 5649 жители, со што Сарај ќе изгуби 4 советници и наместо 23 ќе остане со 19 советници.“, рече Иљас Весели.

Но, како што додава Весели, тоа што нема да се бројат иселениците во вкупното население на општината директно ќе влијае и на средствата кои ги издвојува централната власт во вид на разни дотации. Тој појаснува дека нивниот износ се пресметува по глава на жител.

„Сарај и граѓаните ќе добијат помалку средства за капитални инвестиции, помалку блок дотации за образование и помалку наменски дотации за финансирање проекти од различни области кои доаѓаат од централната власт.“, рече Весели.

За ваквата ситуација, министерот Таравари смета дека е виновна ДУИ, зашто најновата владина одлука се базирала на последниот Закон за попис.

„Законот којшто е актуелен не го сменивме ние сега. Тоа е закон којшто го донесе Европски фронт во минатата влада, кога се правеше регистрација, односно пописот на населението во Македонија. Така што треба самите себеси да се критикуваат.“, вели Таравари.

Решението на последниот попис населението да се пребројува како резидентно и нерезидентно беше причина пратеникот Скендер Реџепи да поднесе иницијатива до Уставниот суд. Според Реџепи, сите граѓани на државата се еднакви пред правото и законите и треба еднакво да ги користат сите права без поделба и безз разлика дали во моментот се надвор од земјата.