Се „крчка“ новата цена на струјата за граѓаните: Мицкоски не очекува големи отстапувања од сегашната цена

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Премиерот Христијан Мицкоски не очекува големи промени во цената на струјата за граѓаните од јануари. Вели Владата и натаму ќе ја субвенционира цената, за да се спречи ценовен шок за граѓаните. Повтори дека ако домаќинствата се префрлеа на слободниот пазар, ќе плаќаа за 50% поскапа струја, но потенцираше дека тоа нема да се случи.

Сега ќе видиме. Регулаторот на крајот од оваа година ќе донесе одлука за тоа дали ќе има и ако има на колку би било, иако не очекувам некои големи отстапувања од оваа цена која што е. Дали ќе биде 0,1,2,3 проценти или некој процент повеќе или помалку тоа ќе одлучи Регулаторот, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Во меѓувреме ЕСМ подигна нов кредит од околу 60 милиони евра од три домашни банки. За една година, ова е трет кредит. Претходно беше подигнат заем од околу 110 милиони евра. Премиерот пак е оптимист, очекува од 2027 година ЕСМ да застане на нозе.

Се намалува увозот на јаглен, а потребно е да се зголеми производството на домашен јаглен, се подготвуваат рударски проекти. Од друга страна се акумулираше доволно енергија во хидроелектраните, бидејќи таму производната цена е најмала, таа е отприлика 20 евра по мегават саат. Очекуваме овој тренд да продолжи и во 2026-та и 2027-та и 2027-та година да се нетираат практично, цената расходна, односно цената на чинење на електричната енергија за АД ЕСМ и онаа цена која што ќе ја продаваат на пазарот, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Неделава Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за цената на пренос, дистрибуција како и за операторот на пазарот, за кои тврдат дека нема да се зголемат. Но, најмногу на цената ќе влијае тоа што ЕСМ на тендерот на Универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ понуди цена од 65 евра за мегават час или за околу 5% повисока од претходниот тендер. Конечната пресметка како тоа ќе се распредели на блок-тарифите ќе ја направи ЕВН Хоум и ќе ја достави до Регулаторна. Новата цена на струјата ќе важи од јануари, а ќе ја соопшти Регулаторна.