Се крчка ребалансот на буџетот – опозицијата предупредува на неликвидност, власта најавува оптимално решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште не е познато кога претстојниот ребаланс на Буџетот ќе се најде на седница на Влада бидејќи и натаму се работи на него. Засега во тек се консултациите помеѓу Министерството за финансии и ресорите во однос на проекциите од каде ќе се крати и каде ќе се пренасочуваат средствата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се прават напори да се изведе оптимално решение со кое што ќе има доволно и за капитални инвестиции но и за исплата на плати и други задолжувања а ги отфрла обвинувањата од опозицијата дека ликвидноста на државата е доведена во прашање.

„Очекувам капиталните инвестиции до крајот на годината да продолжат да се реализираат, бидејќи ја знам каква е динамиката а од друга страна да има доволно, за плати за пензии и за социјални трансфери, се разбира обврските кои што ги имаме оваа година сосе камати треба 3 милијарди евра да вратиме, некои стари задолжувања, така што генерално состојбата се разбира дека е тешка но ние сега нема да очајуваме“, порача Христијан Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче пак со спротивни ставови, вели дека состојбата е сосема поинаква од онаа што се прикажува и обвини дека снемува пари во Буџетот со што Владата ја донесе државата во сериозна финансиска состојба и со ново задолжување.

„Последниот знак кој што укажува дека сето ова што го говориме со месеци наназад е вистина е новото задолжување на Владата. Побараа 300 милиони евра затоа што треба да ја пополнат огромната дупка во Буџетот. Дефицитот расте, инфлацијата расте, огромна е разликата на приходната и расходната страна. Сето тоа укажува дека оваа власт катастрофално ја води државата и нам ни претстои финансиски крах“, вели Венко Филипче.

Деновиве министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска порача дека Буџетот е стабилен и ликвиден со што редовно се исплаќаат сите обврски како што се платите и пензиите, но и оние обврски кон економијата. Таа посочи дека ребалансот нема да влијае врз ставките што влијаат на економскиот раст ниту на мерките за поддршка на граѓаните.