Министерството за образование и наука и Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип подготвија водич за примена на вештачката интелигенција во образованието. Министерката Весна Јаневска изјави дека водичот во електронска форма ќе биде дистрибуиран до сите училишта и дека многу брзо, заедно со факултетот и Бирото за развој на образованието, ќе започнат обуки за наставниците.
-Суштински, водичот содржи препораки кои се наменети и за наставниците и за стручните соработници, но и за учениците. Наставниците и стручните лица ќе треба да научат како полесно да ги пренесат знаењата за придобивките и ризиците од користењето на вештачката интелигенција, но и како да препознаат несоодветна употреба на технолошки алатки од страна на младите. За учениците, ќе има препораки за тоа како етички да се користи вештачката интелигенција, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Деканот на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“, Зоран Коцески, рече дека овој водич ќе се ажурира постојано со нови трендови и знаења.
-Областа на вештачката интелигенција е многу динамична, се развива и менува со исклучителна брзина. Секој ден се откриваат нови работи и имаме нови знаења. Затоа е многу тешко еден ваков документ да опфати сè, и токму затоа препорачуваме водичот редовно да се ажурира и приспособува на новите трендови и сознанија, вели Зоран Коцески, декан на факултетот за информатика при УГД.
Коцески додаде дека сите ученици веќе имаат пристап до вештачка интелигенција, и дека овој водич ќе им помогне да ги разберат и позитивните и негативните страни од нејзината употреба.
