Двете најголеми политички партии се за попис, но секоја на свој начин. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат пописот да биде електронски, а мониторинг да вршат професори од ФИНКИ.
„На тој начин стручните лица кои што се разбираат од бази на податоци и нив вкрстување ќе бидат одговорните субјекти кои што на цела јавност ќе и дадат убедување дека пописот е веродостоен, наместо да се попишуваат по партиска линија регрутирани попишувачи од СДСМ и ДУИ“, истакна Антонио Милошоски.
Од СДСМ велат дека париите имаат обврска да го поддржат пописот.
„Позитивен сигнал е најавата на Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од идејата за бојкот на пописот закажан за април годинава. Очекуваме разумот да преовладее кај сите и по цели 19 години, Република Северна Македонија да спроведете попис без мешање на политиката, согласно меѓународните стандарди“, вели Богданка Кузевска.
Од Демократскиот сојуз пак предупредуваат дека без гаранции, пописот може да пропадне.
„Државниот завод за статистика да обезбеди дополнителни гаранции и контролни механизми за непречено и непристрасно одвивање на попишувањето, кое ќе даде точна слика за состојбата на населението. За оваа цел корисна ќе биде и средба во Државниот завод за статистика со експерти од сите заинтересирани политички партии за да се оствари доверба во процесот“, посочи Демократскиот Сојуз.
Поради состојбата со коронавирусот, освен заштитните мерки од Демократскито сојуз бараат и задолжителна вакцинација на попишувачите.
Токму поради коронавирусот, во Хрватска пописот е одложен, соопштија денеска тамошните власти.
Пописот е предвидено да се одржи од први до 21 април.. Според најавите на статистика, методологијата по кој ќе се спроведува ќе биде позната до средината на идната недела.
