Се ограничува работното време на угостителите – по 21 часот граѓаните нема да можат да одат во ресторани и кафулиња

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поради зголемениот број на позитивни случаи на коронавирус, Владата донесе нови одлуки. Првата мерка предвидува скратување на работното време на угостителските објекти. Од утре по 21 часот, граѓаните нема да можат да посетуваат ресторани и кафулиња. Со втората мерка се забранува групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор по 21 часот.

„Се скратува работното време на угостителските објекти до 21:00 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна. Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид. На седницата донесовме и одлука за забрана за групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор после 21:00 часот. Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21:00 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби.“, рече Заев.

Но, сопствениците на локалите се жалат дека им се намалила работата и се против одлуката да работат само до 21 часот.

„Многу е рано, но видовме дека нема можност да работиме подолго. Одлучивме да направиме пауза од 2-3 месеца, додека не се смири ситуацијата за да можеме да работиме како што треба. Од денеска затвораме. Ќе ја следиме состојбата и ќе видиме како ќе се одвива. Досега што работевме, не видовме дека има некаква перспектива или дека вреди да се работи“.

„Како што гледате и самите. Имаме само еден гостин. Пандемијата многу влијаеше, граѓаните стравуваат да излезат“
-Денеска дали имавте клиенти?
„Јас сум втора смена, но и преку ден нема многу работа. Исто е. Исто е и преку ден. Стравуваат“.

Против одлуката реагираше и Независната угостителска комора, од каде велат дека оваа мерка ќе ја влоши и така лошата состојба во угостителските објекти, поради што сопствениците ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, а ќе претрпат и голема загуба.

Меѓу другото, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави законско решение за законски измени за недела да се прогласи за неработен ден.