Судир за дата-центрите, СДСМ: Опасно коцкање со водата, струјата и земјата на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ: Знаат само за марихуана економија, само шират паника

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвини Владата дека процесот за привлекување инвеститори за изградба на дата-центри се одвива нетранспарентно и зад затворени врати.

На прес-конференција, Маја Борозан од СДСМ рече дека премиерот Христијан Мицкоски јавно зборува за отворен и транспарентен процес, додека, како што тврди, Владата преговара со пет до шест потенцијални инвеститори без да ги објави нивните имиња и условите под кои би ги добиле државните ресурси.

Од СДСМ прашуваат колку вода и електрична енергија би трошеле дата-центрите и предупредуваат дека зголемената потрошувачка би можела да има последици врз земјоделците и граѓаните.

„Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати. Особено не со водата“, рече Борозан, додавајќи дека инвестициите треба да бидат во интерес на државата, а не ресурсите да се ставаат во функција на туѓи профити.

СДСМ бара целосна транспарентност и одговори за тоа со кои инвеститори преговара Владата, под кои услови и какви би биле трошоците и придобивките за државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлаат критиките на СДСМ. Пратеникот Миле Лефков оцени дека опозицијата шири паника околу идејата за развој на индустријата со дата-центри.

Лефков вели дека денес Македонија функционира како пазарна економија и дека начинот на формирање на цената на електричната енергија е јасен. Во однос на потрошувачката на вода, тој посочи дека постојат различни технологии за ладење, кои зависат од намената на дата-центрите.

„ВМРО-ДПМНЕ развива индустрии како онаа со дата-центрите кои се иднината на Македонија“, рече Лефков, обвинувајќи ја СДСМ дека се противи на проекти кои, според него, се корисни за напредокот на државата.

Од владејачката партија уверуваат дека развојот на оваа индустрија нема да биде на штета на квалитетот на животот на граѓаните, туку напротив, треба да придонесе за економски развој.

Двете партии остануваат на спротивставени позиции – СДСМ бара јавноста да добие повеќе информации за потенцијалните инвестиции и нивното влијание врз ресурсите, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека развојот на дата-центрите е можност за модернизација и развој на нова индустрија во земјата.