Комисијата за заразни болести и предложила на Владата за неколку држави од регионот да се врати мерката за ПЦР тест при влез во Северна Македонија.
„Комисијата достави предлог до Владата на Република Северна Македонија од утре при влез во нашата земја за сите граѓани од Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора да биде задолжително да достават ПСР тест не постар од 72 часа. Препораката на Комисијата е донесена по разгледување на актуелната епидемиолошка состојба во наведените земји и согласно информациите добиени од медицинските власти во овие земји“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Владата ќе донесе одлука што е можно побрзо, вели техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Одлуката најверојатно ќе се донесе денеска. Главниот координатор на кризните штабови, Бујар Османи за ТВ21 вели дека предлогот ќе се дискутира утре во Кризниот штаб, а потоа во Влада.
„Ќе го чекаме утре предлогот од Комисијата и ќе видиме со какви аргументи е поддржан предлогот. Начелно го почитуваме мислењето на експертите но ќе треба да ги видиме аргументите.“, рече Османи.
Предлогот за негативен ПЦР тест важи само за државјаните на Косово, Србија, БиХ и Црна Гора, но не за државјаните на Северна Македонија. Ова за ТВ21 го потврди претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџоски кој телефонски ни кажа дека државјаните на РСМ слободно ќе можат да одат и да се вратат од овие држави без да мораат да приложат ПЦР тест.
