Се претставиле како купувачи, па украле златен накит – уапсени две Македонки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две државјанки на Македонија се лишени од слобода во Црна Гора, откако се осомничени дека од златарница во Игало украле четири златни ланци, соопшти црногорската полиција.

Според информациите, украдениот накит е пронајден при полициската акција и е вратен на сопствениците на златарницата.

Од Одделението за безбедност во Херцег Нови соопштија дека се уапсени Ж.Ц.Т. (55) и А.Р. (33), државјанки на Северна Македонија, поради сомнение дека сториле кривично дело кражба.

Според истрагата, двете жени на 15 јули, околу 13:30 часот, влегле во златарница во Игало претставувајќи се како заинтересирани купувачи. Тие побарале од вработената да им покаже повеќе парчиња златен накит, а додека таа им ги презентирала производите, наводно го искористиле моментот на невнимание и незабележано земале четири златни ланци од шанкот, кои ги сокриле во своите чанти.

По кражбата ја напуштиле златарницата, но по преземените полициски мерки биле лоцирани и уапсени вчера во стан во Херцег Нови.

Полицијата продолжува со постапката против осомничените, кои ќе одговараат за кривичното дело кражба.