Се преземаат ли потребните мерки за заштита од коронавирусот? „Препораките на терен да се спроведат и во пракса“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По новонастанатата ситуација во нашата земја со коронавирусот, властите уверуваат дека ги преземаат потребните мерки за спречување на вирусот. Но, откако вчера беше потврден првиот позитивен случај на коронавирус кај жена која допатувала од Италија, се поставува прашање – дали и во пракса се спроведуваат мерките кои државата си презема? На ова тема дебатираа соговорниците во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“. Заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, изјави дека се преземаат сите неопходни мерки и дека има три импровизирани карантина во Велес, Гостивар и Штип, но сепак, како што рече, нема информации колкав е нивниот капацитет за прием на пациенти.

-Во моментов издвоивме три града во Македонија и тоа Велес, Гостивар и Штип. Причината за ова одлука е тоа што објектите не се поврзани со другиот дел од болницата и е полесно да се контролира и да се продолжи со процесот. Колкав е капацитетот во бројки не знам, но верувам дека има доволно-рече Арслани.

И Агрон Буџаку од Центар за управување со кризи рече дека Македонија го дава својот максимум за спречување на вирусот, кој веќе се појави во неколку земји во светот.

-Сѐ е во корелација и е релативна работа. Ако цениме по силата на земјата и БДП приходите, односно колкав БДП има и како функционира државата, ние не можеме да очекуваме да функционираме како Швајцарија или Кина, која со својот буџет изгради болница за 10 дена. Но, во оваа насока, максимумот кој можеме да го дадеме согласно надлежностите со закон, веќе го направивме-рече Буџаку.

Но, со ова не се согласи инфектологот Фадиљ Цани. Препораките кои се даваат треба да се почитуваат, вели тој, додавајќи дека вчерашниот случај покажал дека насоките не се спроведуваат во пракса.

-Ниту една препорака за патници не е спроведена во пракса. Значи никој ги нема прашано патниците на граничните премини од каде доаѓаат. Едно комбе кое трга од Италија….доколку еден патник не каже, другиот ќе каже, возачот ќе каже од каде доаѓаат, бидејќи тој знае дека има заразено лице. Тука потфрлија надлежните органи кои треба да се занимаваат со оваа проблематика-изјави Цани.

Арбен Зибери од Центар за јавно здравје вели дека не треба да се шири паника и дека состојбата будно ќе се следи.

-Треба да ги смириме граѓаните бидејќи овој вирус не е како што се претставува. Еве ќе дадеме еден едноставен факт: смртноста од коронавирусот е околу 2%, додека кај САРС беше над 30%. Така што нема простор за паника-рече Зибери.

ТВ21 вчера го посети Граничниот премин „Блаце“, каде полициските службеници со маски и ракавици вршеа рутинска контрола на документите на патниците. Ниту еден од патниците не беше запрен за дополнителна контрола, а немаше ниту медицински тим, како што беше најавено претходно.