Акционерите на „Македонија турист“ на состанок одржан на 22 мај донеле одлука за продажба на десетина објекти во сопственост на компанијата, меѓу кои и препознатливиот скопски хотел „Јадран“, објави Призма.
Хотелот „Јадран“, познат и како Арапска куќа, е изграден во периодот меѓу 1936 и 1938 година во арапско-маварски стил и се наоѓа под генерална заштита. Во тек е и постапка за прогласување на објектот за споменик на културата.
Според законските прописи, пред продажбата сопствениците имаат обврска најпрво да ѝ го понудат објектот на државата, преку Управата за заштита на културното наследство. Законот предвидува и можност за поништување на продажбата доколку оваа процедура не се испочитува.
Покрај хотелот „Јадран“, на листата за продажба се и хотелот „Бристол“, Пивницата кај плоштадот „Македонија“, како и објект во центарот на Скопје спроти поранешен ЗОИЛ.
Еден од поголемите акционери во „Македонија турист“, бизнисменот Fatmir Etemi, неодамна за БИРН изјавил дека средствата од продажбата ќе бидат наменети за реновирање, проширување и изградба на нови туристички капацитети.
„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест Вестерн“, „Карпош“ и „Холидеј Ин“, кои и понатаму остануваат активни.
Како што наведува Призма, во изминатата година компанијата претрпела значителни промени во акционерската структура, при што покрај „Скопски пазар“, во сопственичката структура влегле и „МГФ Инвестмент“ на Зоран Антиќ и скопската клиника „Промедика“.
Читај повеќе: Призма
