Се расчистува поранешна „Треска“ – дали ќе се бетонира последниот слободен простор во центарот на Скопје?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со отстранување на опасниот и кабаст отпад, азбестниот покрив и уривање на објектите започна расчистувањето на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“. Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски просторот би требало да биде расчистен за неколку недели. Моменталната состојба вели тој, освен што претставува извор на зарази за жителите од околината, претставува и нелегална депонија во срцето на општината и Градот Скопје.

„Општина Центар ги почитува одлуките на Обвинителството кое постапуваше по утврдување на причините за пожарот и затоа изминатиов период се до почетокот на август, сите постапки за расчистување на просторот беа во застој. Веднаш штом обвинителството ни дозволи активности на терен започнавме процес и законски процедури за расчистување на објектите на напуштената фабрика“, вели Горан Герасимовски. 

Како што информираше градоначалникот, во општина Центар биле пристигнати 36 барања за издавање решение за отстранување на објекти од кои се одобриле 13. Прашан дали расчистувањето на овој дел е со цел инвеститорите да градат згради, Герасимовски рече дека општината прави напори да се донесе нов ДУП, се со цел да се направи подобра урбанизација.

„Во моменот има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП-овите. За жал не е успеано да се изменат во тие три години додека трае самиот мораториум и овој ДУП. Правиме напори да преку регулација се одвои овој дел и направиме што подобар ДУП и што подобра урбанизација“, додаде Горан Герасимовски.

Просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ велеше дека просторот е лошо испланиран и зградите ги нарекуваше ‘наполитанки‘ бидејќи целосно го бетонизираат просторот без соодветни јавни површини и зеленило.  Во меѓувреме плановите за Буњаковец 1 и 2 не се променети, а Герасимовски не одговори дали денешното расчистување е почеток на урбанизацијата и бетонизација на овој дел од градот.