Се реставрира калдрмата на „Самарџиска“ во Чаршијата – занаетчиите се плашат дека тоа ќе ја зголеми киријата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започна реставрацијата на калдрмата на улицата „Самарџиска“ во старата скопска Чаршија. На една од најстарите занаетчиски улици се очекува да се уреди и подземната инфраструктура. Градоначалникот на Општина Чаир, на чија територија се наоѓа Старата Чаршија, Изет Меџити, изјави дека се реконструира улицата и петте краци со вкупна површина од 1.567 м2, во вредност од 470 илјади евра.

„Прво интервенираме таму каде што со години имало најголеми проблеми под земја, целосно ќе ја замениме водоводната и канализациската мрежа за да ставиме крај на тешкотиите со одводнување и снабдување со вода. Второ, градиме модерна енергетска и дигитална инфраструктура, нова електрична мрежа и оптички кабли кои ѝ даваат на Чаршијата капацитет за развој и конкурентност за бизнисите. Трето, го враќаме визуелниот идентитет со квалитетен травертин камен и осветлување во традиционален стил“, изјави градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити.

Министерот за култура, Зоран Љутков, рече дека скопската Чаршија е една од главните атракции за странските посетители, кои доаѓаат за културен туризам и токму Чаршијата ја посетуваат најмногу.

„Како Министерство за култура и туризам ќе ѝ посветиме посебно внимание на Старата скопска Чаршија, бидејќи преку поврзувањето на културата и туризмот, посетителите што доаѓаат во Македонија најмногу доаѓаат поради културен туризам. Во главниот град, Старата скопска Чаршија е главен генератор за развој на туризмот“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Од здружението на занаетчии стравуваат дека со обновата на овие делови може да се иселат лимарите, бидејќи кириите би можеле да пораснат и просториите да се претворат во кафулиња и ресторани.

Тие не зборуваа пред камера, но од „еснафот на Чаршијата“ велат дека овие стари занаети треба да се заштитат како туристичка атракција.

„Потребно е добро партнерство меѓу нас и Министерството за култура за да се задржи еден занаетчија кој со својот чекан ја издржува својата фамилија и многу други активности. Не сме доволно силни сами да се заштитиме, но тоа не значи дека занаетите ќе исчезнат; тие можат да се модернизираат, како кај лимарите. Улицата ќе стане туристичка атракција во иднина, свесни сме дека имаме отворени пазари кои ги потиснуваат овие занаети“, изјави Бујар Дулови, прет. на Здружението на занаетчии „Еснаф на Чаршијата“.

Овој проект чини околу 29 милиони денари, обезбедени од Министерството за култура и Општина Чаир. Компанијата што го спроведува проектот е „Ленди Груп“, а надзорната компанија е „Урбан Стил Инженеринг“. Рокот за завршување на работите не е објавен.