Се санира едната, се расипува другата. Ова се случува речиси секоја недела во двете термоелектрани во Битола и Осломеј. Иако дефектот во РЕК Осломеј сѐ уште не е поправен, Блокот 1 на РЕК Битола утрово е исклучен од мрежа.
Проблемот настанал поради пукнати цевки во котелот.
Од ЕСМ велат дека во РЕК Битола е направено сервисирање на машинеријата и цевките, но сепак излегуваат неочекувани проблеми.
-Блок 1 на РЕК Битола утрово е исклучен од мрежа заради скинати цевки во котелот на постројката. Во тек е дефектажа која точно ќе ги лоцира аномалиите, по што во најбрз можен рок Блокот ќе биде саниран и вратен во функција. На Блок 1 пред една недела беа извршени сервисно – ремонтни активности кои, за жал, не можат да предвидат или превенираат ситуација како денешната. Секој од трите блока на РЕК Битола има котел составен од цевки со должина од околу 700 километри, поставени на различни нивоа, низ кои поминува пареа со топлина од над 500 степени Целзиусови-велат од Електрани на Северна Македонија.
Пред два дена беше прекинат работниот процес во РЕК Осломеј. Проблемот настанал токму на местото каде што пред една недела избувна пожар. Од таму објаснија дека се забележани вибрации во системот за вентилација.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, пред неколку дена во „Клик Плус“ се правдаше дека централите се стари, запоставени, додавајќи дека не можат да се изградат нови преку ноќ.
Покрај бројните дефекти, од ЕСМ соопштија дека нема да има недостиг на струја, бидејќи, како што уверуваат, се работи според планот и се компензира секое отстапување на одреден капацитет.
Во моментов работи само Блокот 2 во РЕК Битола, а во третиот се поставува нов трансформатор. Блокот 1 засега е вон функција.
